Македонска современа уметност

Содржина

* 1 Развиток на модерното сликарство во Македонија
* 2 Зачетоци на профаното сликарство
* 3 Развиток во предвоениот период
* 4 По втората светска војна
* 5 Најзначајни современи сликари

Развиток на модерното сликарство во Македонија

Особеностите на драматичната историја на македонскиот народ ги условија карактеристиките на развитокот на сета негова национална култура. По блескавиот расцут на средновековната македонска ликовна уметност, настапи петвековното ропство под Отоманската империја. Во тој мошне тежок историски период дојде до значително опаѓање на црковното ликовно творештво во Македонија. Тоа тогаш можеше да се развива само во стеснатите рамки на провинцијализираните форми на поствизантиската религиозна уметност. Меѓутоа, за разлика од некои други подрачја, во Македонија не постои последователен стилски развиток од ренесансата до импресионизмот и потоа. Така и некои варијанти на стилски ликовно неразвиен, провинцијализиран барок, и тоа прифатени посредно, преку Света Гора, се чуствуваат во македонската уметност дури во XIX век.

Зачетоци на профаното сликарство

Оттука и првите почетоци на профаното сликарство се јавуваат во Македонија кон крајот на минатиот и почетокот на овој век. Тие се поврзани со економските и социјалните промени во Македонија , а особено со постепено формирање на граѓанската класа и градската средина во истиот тој период. Несомнено , и пробивот на информации , преку допирите со соседните земји и воопшто со Европа, придонесоа да се зачнат настојувања за едно поинакво разбирање на уметноста. Овие тенденции најизразито се чуствуваат во дел од творештвото на двајцата последни зографи. Димитрие Андонов – Папрадишки (околу 1858 – 1954 год.) обединува во својата личност последен зограф и прв граѓански , лаички сликар во Македонија. Ѓорѓи Зографски (1870 – 1945 год.) беше вториот македонски зограф кој настојуваше да биде и световен сликар. Без оглед на спомнатата извесна поврзаност на нашата прва предвоена генерација со последните зографи , нивното вистинско образование и ликовни концепции се сосем различни од творештвото што непосредно им претходеше. Всушност , почетоците на современото македонско сликарство може да се поставата меѓу 1920 и 1930 година. Во тој период особено се значајни самостојните изложби на Димитар Пандилов Аврамовски и Лазар Личеноски во 1927 , на Никола Мартиноски и Личеноски во 1929 година. Почнувајќи од 1930 год. ликовната уметност во Скопје доби поголем интензитет. Според бројот на самостојните изложби во Скопје и другите места на бивша Југославија, како и надвор од неа, најактивни беа Мартиноски и Личеноски.

Развиток во предвоениот период

Сепак , развитокот на македонското ликовното творештво во предвоениот период не може да се разгледува како едновременото творештво во другите ликовни средини. Така , тешко е групирањето на македонските сликари во поголеми стилски групи. Причината е нивниот мошне мал број и нивните изделени творечки насоки , иако тука постојат едновремено и доста тематско – стилски блискости. Уште во предвоеното македонско сликарство се јавија одделни стилски настојувања на македонските уметници што значеа обид за поврзување со националната средина, разбрана како земја, народ, култура и уметничка традиција. По ослободувањето се отворени многу институции од големо значење за македонската ликовна уметност. Во тој период, најчесто обработувана тематика во сликарството беше поврзана со Народноослободителната борба и Револуцијата.

По втората светска војна

Долго траеше нашето чувство на изделеност од европските уметнички текови на минатиот век: се темелеше на фактот дека во новите историски околности на изградбата на социјализмот (по 1945) во поранешна Југославија и Македонија, уметноста прво потпадна под диктатот на крајно прагматична политичка акција. Со неа уметноста се претвори во активен дејствен инструмент на сите државни политички, социјални и духовни проекти на владеечката политичка сила во тоа време: КПЈ. Нејзината прва повоена акциона програма неотповикливо и наложи на уметноста кај нас да учевствува во прокламираните партиски цели: изградба на општеството на дезалиенирани човечки личности што ќе владеат со сите свои духовни моќи; кои (според Маркс) ќе бидат меѓу другото и производители на естетското. Стремежот кон таа идеална (хуманистичка, утопистичка?) иднина, се остваруваше во стварноста на дневната политичка практика така што сите творечки појави беа потчинети на догмата на социјалистичкиот реализам. Неговиот естетски редукционизам; исклучиво признавање како уметност соодветно на природата на социјалистичко – комунистичкиот проект само онаа што ги наследила врвните вредности на реалистичката уметност низ векови; таа што ќе биде меѓународна по содржина, а национална по форма, требаше уметноста да ја претвори во силен инструмент на политичката пропаганда. Да обработува теми што непосредно ќе дејствуваат на свеста на масите за да ги следат и остваруваат дневните, етапни задачи на “обновата и изградбата на земјата”; Југославија и Македонија како една од нејзините федерални единици, беше несомнено меѓу оние европски земји што претрпеа најужасни физички разурнувања и кои имаа најголеми човечки жртви во Втората Светска војна.

Нивните димензии беа резултат најмногу на безмилосните репресалии на фашистичкиот окупатор (германскиот, бугарскиот, унгарскиот, италјанскиот) предизвикан со силниот и многувиден отпор против него: раководен пред сé од Комунистичката Партија, тој беше полн со воени и други епизоди на висок морал, храброст, патриотизам. Но се одвиваше во исто време и своевидна социјалистичка револуција, како жестока и бескомпромисна пресметка и со соработниците на окупаторот и со “класниот непријател”; пред се со предвоената буржоазија и со капиталистичките економски и социјални структури.

Епските моменти; херојските или така величани епизоди и личности од четиригодишната народноолободителна војна; дејностите и напорите за обнова на земјата и нејзиното целосно изградување (стопанско, политичко, социјално, образовно), беа основните и наложителни теми за ликовната и другите уметности. За Македонците сите овие историски пресврти имаа и една специфична вредност: барем во еден дел на македонската етничка територија (Вардарска Македонија) беше остварена и полна национална слобода; слободна употреба и развој на македонскиот јазик и на сите други творечки дејности. Оттука, македонските уметници ги чувствуваа оние настани и како свој патриотски и творечки поттик. Но во тие први повоени години секако не настана ниту едно дело што мотивскиот ангажман го здружи и со ангажман за вистинска нова и модерна ликовна обработка.

Затоа особено до 1948 година уметничкото творештво беше и кај нас под силно влијание на советската уметност. Потоа дојде до јавно интернационализирано исклучување на Комунистичката партија на Југославија на чело со Јосип Броз Тито, а поради “предавството” на социјалистичките цели и “ревизионизам” од сите видови, од заедницата на “братските” комунистички партии (1948). Ова презеде и разновидни форми на репресалии против Југославија, целосно вклопени во општата ситуација на Студената војна. Така и западниот демократски свет постепено и со претпазливост ги надминуваше своите резерви спрема земјата – отпадник од блокот на “реалниот социјализам”. Напоредно со тоа во југословенско-македонската стварност започна динамичен процес на преобразба на ситуацијата о која се развиваше по 1950/1952 година ликовната уметност. Постепената прагматична либеризација на сите сфери на животот, овозможи во Македонија непрекинато да се развива слободата на формално – стилското искажување, без оглед на мотивот. Таа творечка атмосфера ја искажаа низа цртежи и слики на Никола Мартиновски, дионизиски бликот на уметниковите модерни ликовни искази за сите лични пориви и колективни тревоги. Така и наметнатите теми: дури и во монументалната уметност во шестата деценија станаа голем предизвик и во нив да се искаже слободно одбраниот модерен израз. И до денес трае тогаш започнатиот процес на постојано превреднување на историските настани: глорификацијата често е заменета со сурова ревизија на нивните резултати, драмата на поединецот во вителот на историјата, субјективните патила и емоции станаа предизвик на уметничкото толкување; митот и легендата, проткајување на реалното и фантастичното, модел за ликовното на нов начин да живее со минатото и сегашноста. Тао го открива крајно редуцираниот, евокативен недреалистички или симболичен состав на сликите на Спасе Куновски (“Логор 1960”), на Петар Мазев (“Погреб” и “Војна”), на Богољуб Ивковиќ (“Нашата револуција” 1961)…

Така таа наша специфичност денес се покажува сосема поинаква секаде во Европа; значи и надвор од земјите на “источниот блок” каде имаше силни комунистички партии *во Франција, Англија, Италија) тие долго беа “построени” под целосна команда и послушност на Советската комунистичка партија. Тоа важеше и за сите прашања врзани за уметноста. Оттука, сета нивна идеолошко – партиска апаратура; од филозофско – естетската мисла и уметничката критика до весниците и специјализираните списанија за литература и уметност, бескомпромисно ги следеа и постулатите на социјалистичкиот реализам. Тие им беа зададени и на сите уметници членови на дадена партија, од најзначајните творци до аматерите и дилетантите. Нивите околности на повоениот период овозможија, во рамките на една млада национална култура, да се создадат услови за динамичен развиток на македонската ликовна уметност. Припадниците на повоената генерација од Македонија се школуваа во Белград, Загреб и Љубљана. Тоа во македонскиот ликовен живот внесе една посебна разновидност, вкрстување и развиток на различни влијанија, правци, стилски ориентации. Како и предвоената, дел од првата повоена генерација која ги заврши своите студии околу 1950 година беше опфатена со системот на идејно – естетски принципи кои воопшто го карактеризираа првиот повоен период во Југословенската уметност. Генерацијата од повоениот период ги прифати и подоцнежните настојувања: почитување на творечката слобода, стремежот, внатрешната револуционерна суштина на едно време, неговите духовни и историски хоризонти да се вообличат со современи ликовни сретства.

Оваа тенденција е многу посилно изразена кај уметниците кои влегоа во ликовниот живот во Македонија во времето од 1952 до 1954 год. во моментот кога и во ова подрачје е создаден амбиент што можел да прифати некои нови естетски разбирања и настојувања.

Кон средината на педесетите таа нива генерација на уметници внесе во Македонија академски усвоени поуки од фовизмот, експресионизмот некои одлики на кубизмот и конструктивизмот, магичниот реализам и надреализам. До 1960 година овој стилски мозаик полека се развивал, прифаќајќи дополнителни стилски ознаки. Околу 1960 година во Македонија постепено преодирале некои тенденции на апстрактната уметност. Следниот период од 1962 до 1969 година го карактеризира ликовниот живот со уште поизразено обликување на битните карактеристики н современата македонска ликовна уметност. Тоа е период во кој македонските уметници порешително и посмело ги прифаќаат актуелните движења во југословенската и светската ликовна уметност. Меѓутоа, таа “операција” се обавува со повишен критички став при пристапот кон даден ликовен феномен и со стремеж кон една повисока ликовна култура. Посилно се искажани настојувањата да се оствари синтеза меѓу сегашното чувствување на пластичните феномени – сликарски и скулпторски и едно попродлабочено, критичко преземање од пластичниот репертоар на традицијата средновековните фрески и икони (воопшто од ликовниот “бреивар” на медитеранот и ориентот од фолклорот и т.н.).

Во последно време полека се прифатени и влијанијата блиски на новата фигурација, неодадизмот, поп-артот, фантастиката и т.н. Во некои остварувања присутен е и обидот за укинување на границите помеѓу традиционалната поделба на сликарството и скулптурата, создавање на композитни пластични објекти, каде што се чувствува средбата меѓу сликарството, вајарството, архитектурата и применетата уметност. Овие стремежи во непосредната пластична постапка, често се манифестирале со амбивалентноста на своите први обиди, со интерференција на разни спротивни настојувања: особено поради свесниот или спонтан обид во поранешната стилска матрица да се втиснат постапки кои и се понекогаш дијаметрално спротивни.

Последниве години ги карактеризира појава на најмладата македонска ликовна генерација. Нејзините творечки стремежи стилски се движат во рамките на наспомнатите особености на сегашниот миг на македонската ликобна уметност. Во наредната седма деценија настанаа значајни промени во целиот општествен културен и уметнички живот на Македонија, без оглед на фактот дека некои настани имаат мошне тешки последици за нејзиниот општ развој: таков беше скопскиот земјотрес од 1963 година, што со своите катастрофални последици предизвика големи човечки жртви и нанесе огромни загуби во материјални и во културно – уметнички вредности. Меѓутоа, земјотресот беше и своевиден предизвик за нашата средина, која покажа изненадувачки сили и способности во отстранувањето на неговите последици. Повторно беше обновено прашањето за синтеза на пластичните уметности и архитектура во Скопје, прво како теоретски проблем, а потоа и во вид на обид за нејзината практична реализација; стремежите за остварување на синтезата полека ја преболуваа сета творечка клима во ликовната уметност на Македонија. Се создал интерес за содржинските, идејните и естетските принципи на ваков вид ликовно изразување, за неговите посебни, за нас сѐ уште нови, социјални и уметнички функции: без оглед на тоа дека нашето минато може и тука да ни послужи како една необична впечатлива поука, а може да послужи и искуството на некои модерни нации, кај кои ваквите појави на синтеза се одамна историска реалност, како на пример во Мексико. Новата ситуација го наметнуваше проучувањето на овие пластични формули што најдобро ше изразат два основни моменти: специфичност, наш национален “тонус”, со определување на логички задачи произлезени од начето подрачје и изградување на соодветни механизми на ликовното изразување, нивната атмосфера, не замо во нашите локални, туку и во светски размери.

Претставници на македонската повоена уметност се: Димитар Кондовски, Петар Мазев, Ристо Колчевски, Александар Станковски, Душан Перчинков, Ванѓел Коџоман, Спасе Куновски и др.

Најзначајни современи сликари

Како најзначајни за развитокот на Македонското современо сликарство се сметаат:

* Никола Мартиноски

* Димитар Пандилов Аврамовски

* Вангел Коџоман

* Димитар Кондовски

* Лазар Личеноски

* Петар Мазев

* Иван Велков

* Васко Ташковски

* Богољуб Ивковиќ

* Љубомир Белогаски

*Користен материјал од Википедија

Leave a Reply